2 Kings 1
1 По смртта на Ахав, Моав се побуни против Израел.
2 А Охозија падна низ прозорецот на горната соба од својот дворец, во Самарија, и тешко се повреди. Па испрати гласници и им рече: „Одете, прашајте го Веелзевул, екронското божество: ќе оздравам ли од оваа повреда?“
3 Тогаш ангел Господов му кажа на Илија тишбеецот: „Стани, пресретни ги пратениците на самарјанскиот цар и кажи им: ‚Зарем во Израел нема Бог, та сте тргнале да го прашате Веелзевул, екронското божество?‘
4 Затоа вака вели Господ: ‚Од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш.‘“ И отиде Илија.
5 Се вратија гласниците кај Охозија. И тој ги праша: „Зошто се вративте?“
6 Тие му одговорија: „Не пресретна еден човек и ни рече: ‚Одете, вратете се кај царот, кој ве испратил, и кажете му: вака вели Господ: зар во Израел нема Бог, та испраќаш да го прашаш Веелзевул, екронското божество? Затоа од постелата на која си легнал, нема да станеш, туку ќе умреш.‘“
7 Тој ги праша: „Каков беше на изглед оној човек што ве пресретна и ви ги кажа тие зборови?“
8 Тие му одговорија: „Тој човек целиот беше со влакна и беше опашан преку половината со кожен појас.“ Тој рече: „Тоа е Илија тишбеецот.“
9 Тогаш испрати царот кај него педесетник со неговите педесетмина војници. И тој се искачи кај него, кога Илија седеше на врвот од гората, и му рече: „Човеку Божји, царот нареди да слезеш.“
10 Одговори Илија и му рече на педесетникот: „Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и нека те изгори тебе и твоите педесетмина војници.“ И падна оган од небото и го изгори него и неговите педесетмина.
11 Царот испрати друг педесетник со неговите педесетмина војници. И тој му проговори и рече: „Човеку Божји, вака вели царот: ‚Слези поскоро!‘“
12 Илија одговори и му рече: „Ако сум јас човек Божји, нека падне оган од небото и нека те изгори тебе и твоите педесетмина.“ И падна оган Божји од небото и го изгоре него и неговите педесетмина војници.
13 Царот испрати по третпат педесетник со неговите педесетмина војници. Третиот педесетник стана, та дојде, и падна на коленици пред Илија, го молеше и му зборуваше: „Човеку Божји, да не биде презрена душата моја и душата на твоите слуги — овие педесетмина — пред твоите очи.
14 Ете, падна оган од небото и ги изгоре двајцата претходни педесетници со нивните педесетмина војници; но сега да не биде презрена душата моја пред твоите очи!“
15 Тогаш му рече ангелот Господов на Илија: „Оди со него и не плаши се од него.“ И тој стана, та отиде со него кај царот.
16 И му рече: „Вака вели Господ: ‚Поради тоа што испрати гласници да го прашаат Веелзевул, екронското божество, како да немаше во Израел Бог да Го прашаш за словото Негово, — ти нема да станеш од леглото, на кое си легнал, туку ќе умреш.‘“
17 И тој умре според словото Господово што го изрече Илија. И стана цар Јорам, место него, во втората година на Јорам, синот на Јосафат, царот јудејски, бидејќи оној немаше син.
18 Другото за Охозија, она што го извршил тој, е опишано во летописите на израелските цареви.